Македонската фудбалска репрезентација ги продолжува подготовките за двата натпревари, контролниот против Турција на 5 јуни и квалификацискиот против Шпанија на 11 јуни.
Во репрезентацијата се приклучија калчо ѕвездите Горан Пандев и Илија Несторовски, додека за два дена ќе се приклучат и Стефан Ристовски и Езџан Алиоски.
Офанзивниот фудбалер на Шкендија, Ферхан Хасани вели дека ова е нова добра прилика за Македонија да се покажеме во најдобро издание на големата фудбалска сцена.
– Сите ние имаме прилика да одиграме два големи натпревари, против силниот состав на Турција, а потоа и квалификацискиот дуел со една од најдобрите светски репрезентации, Шпанија. Македонија во претходните неколку натпревари покажа дека има одлични фудбалери и не се плашиме – веруваме во нашите квалитети. Во оваа селекција има талентирани фудбалери со многу потенцијал. Одново имаме прилика да се покажеме во најдобро издание на големата фудбалска сцена и сигурно е дека ќе бидеме 100 проценти во натпреварот против Турција, бидејќи фокусот сега е кон првиот дуел, а потоа и против Шпанија, изјави Хасани.
Кристијан Тошевски, дефанзивецот на Пелистер вели дека силата на Турција треба да претставуваа дополнителен предизвик за нашиот тим.
– Натпреварите се вистински предизвик, посебно што Турција доаѓа во полн состав. Но, тоа треба да биде дополнителен мотив за нас, мораме да уживаме во фудбалот и да се покажеме во најдобро издание. Ние помладите треба да се докажуваме за во иднина и се надевам дека ќе бидеме на висина на задачата и на тренинзите и доколку добиеме шанса за настап, истакнува Тошевски.
Двата натпревара ќе се одиграат на „Националната Арена“ во Скопје.