Македонскиот шампион Вардар е рангиран на високото 4-то место во Европа. Ваквиот ранкинг го направиле новинарите кои соработуваат со Европската ракометна федерација (ЕХФ), кои пак направија листа на најдобрите екипи, и ги рангираа тимовите според досегашните резултати и моментна форма, иако до крајот на групната фаза остануваат уште пет кола.
– Вардар ја завршува регуларната сезона во СЕХА-лигата на првото место. Овој тим може да извлече корист од евентуален пораз на Кјелце на гостувањето против Рајн Некар, но сепак ќе треба да ја заврши својата работа против послабо рангираните екипи. Екипата на Раул Гонзалез е најдобро рангирана од групата Б на оваа листа. Најтешкиот предизвик по се изгледа ќе биде гостувањето во Сегед, па завршувањето на првото место е сосема реално за македонскиот гигант, се вели во објаснувањето за ранкингот на македонскиот првак.
Според ранкингот, на првата позиција е францускиот тим Париз Сент Жермен, пред Барселона и унгарскиот првак Веспрем, односно македонскиот шампион Вардар кој е четврторангиран.
Листата од „Топ-10“ екипи продолжува со актуелниот европски шампион Киелце, по кој следуваат: Рај Некар, Флензбург, Пик Сегед, Монпелје и ППД Загреб.