Македонската фудбалска репрезентација со вечерашниот дуел против европскиот шампион Шпанија во Валенсија ќе ги почне квалификациите за Европското првенство 2016 (ЕУРО 2016). Избраниците на селекторот Бошко Ѓуровски 5-6 дена се подготвуваат во Валенсија. Воедно Ѓуровски предупредува пред вечерашниот дуел на внимателност и на почитување на Шпанија, но во натпреварот не смее да се влезе со страв.
Капитенската лента ќе биде на раката на Ванче Шиков, додека Агим Ибраими во изјавите пред дуелот напомена дека Шпанија е силна репрезентација и дека секоја шанса во нападот мора да се искористи.
Двете репрезентации вчера одржаа и тренинг на стадионот „Сиудад де Валенсија“ (стадион на Леванте), нашите да го почуствуваат теренот, додека Шпанија беше следена и од околу 5.000 навивачи.
Поради повреда добиена на еден од тренинзите во Шпанија во редовите на Македонија нема да настапи Ферхан Хасани, додека селекторот на Шпанија Винсенте Дел Боске нема да може да смета на напаѓачот на Челзи, Диего Коста (повреден) и најави дека стартери ќе бидат Икер Касиљас и Пако Алкасер,а за другите ќе реши пред натпреварот.
Дуелот Шпанија – Македонија почнува во 20:45 часот, а во рамките на Ц групата во истиот термин играат уште: Луксембург – Белорусија и Украина – Словачка.