Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје против Грузија го игра значајниот четврт натпревар од новата сезона во групата Ц од Лигата на нации.
Овој натпревар за првото место во нашата група, е средба која во голема мера може да го одлучи победникот во групната фаза, но и натпревар на кој двете репрезентации ќе ги споредат нивните перформанси пред, за нас, историското финале за пласман на Европското првенство кое ќе се одржи на 12 ноември во главниот грузиски град Тбилиси против репрезентацијата на Грузија.
Селекторот Игор Ангеловски на вчерашната прес-конференција најави максимално залагање од сите што ќе добијат шанса за настап.
„Без разлика што не го остваривме планираното во Естонија, но не да заборавиме дека нашата главна цел ја стигнавме, Македонија е на чекор на ЕП. Утре имаме натпревар со противник со кој ќе се сретнеме во финалето, без разлика на сите отсуства, сите кои ќе истрчаат на теренот, должни се да го дадат максимумот. Прв пат играме во седум дена три натпревари, првиот натпревар беше многу важен од секаков аспект. Ако селекции од Италија, Шпанија ротираат, што останува за селекции како што сме ние. Селекторот на Грузија исто има проблеми со повреди и отсуства, но на нас селекторите е да го искористиме тоа што го имаме. Не верувам дека и тие не сакаат да бидат на првото место во групата. Не очекувам противникот да калкулира со составот“, изјави селекторот Игор Ангеловски.
Покрај првиот стратег на репрезентацијата, победа за прво место во групата и пласман на Македонија на ЕП посакува и капитенот Горан Пандев.
„Сигурно дека тие што сме тука ќе го дадеме максимумот. Ова е трет натпревар за нас знаеме Косово колку не истроши и психички и физички. Сепак спремни сме да излеземе и да го добиеме натпреварот. Ние што сме тука сите конкурираме за првите 11. Ова е еден пеколен ритам и не може секогаш да се победи, таков е фудбалот. Наша цел е да победиме и да дојдеме на чекор до таа прва позиција“, изјави Пандев.
Правдата на натпреварот во Скопје ќе ја дели вечерва судијата од Полска, Бартош Франковски, млад и амбициозен судија од листата на ФИФА кој никогаш претходно на меѓународна сцена не судел натпревар на македонската репрезентација.