Во организација на Атлетската федерација на Македонија, а со поддршка од Агенцијата за млади и спорт и градот Скопје, на 1 јули на Водно ќе се одржи Европско првенство во планинско трчање во сениорска и младинска конкуренција.
Задоволство од можноста Македонија да биде домаќин на ваков атлетски меѓународен настан од европски ранг искажа Дарко Каевски, директор на АМС.
– Ова Европско првенство претставува можност за докажување за добра организација, и со тоа трасирање на патот за добивање и на следни Европски првенства каде што и имаме интерес а тоа е пред се Европско екипно првенство во 2019 година. Бенефитите од оваа манифестација се големи, пред се тука се мисли на омасовување на атлетскиот спорт, посебно на планинското трчање , убавините и можностите кои ги поседува планината Водно, и секако промоција на Скопје и Република Македонија, истакна Каевски.
Претседателот на Атлетска федерација на Македонија Крсто Серафимовски соопшти дека учество пријавила 250 натпреварувачи од 28 држави.
– Масовноста на ова ЕП е главен показател на популарноста на планинското трчање. Квалитетот е видлив од самиот податок што учествуваат атлетичари од многу држави меѓу кои и од Италија, Турција, Хрватска, Чешка, Словенија, Велика Британија, кои се водечки земји кога е во прашање планинското трчање и атлетиката.
Македонската маратонка Весна Кираџиева упати апел до сите вљубеници на атлетиката и спортот воопшто, на 1 јули да дојдат на Водно и да бидат дел од манифестацијата.