Ленс Армстронг го признал користењето на допинг во ексклузивното интервју со Опра Винфри, односно, така барем тврди „Њујорк тајмс”, кој се повикува на два извора кои биле на снимањето на интервјуто.
Емисијата треба да биде емитувана во четврток, на 17 јануари, а американските медиуми извлекле некои интересни детали.
Армстронг освен признанието дека се допингувал на Тур де Франс, изјавил дека е подготвен да сведочи против неколку челници на Меѓународниот велосипедски сојуз со намера да му биде укината доживотната суспензија што ја донесе Американската антидопинг агенција.
ЦБС објави дека Армстронг е подготвен да проговори и за други велосипедисти кои земале допинг, а за кои не се знае, и дека е подготвен да врати 30 милиони долари на даночните обврзници.
„Министерството за правда на САД сигурно ќе биде заинтересирано за она што Армстронг има да го каже, бидејќи би можел да ги открие и спонзорите што нуделе допинг на натпреварувачите, а тоа би можело да биде конечен крај на осомничениот Том Визел”, пишува „Њујорк тајмс”