Аргентинскиот фудбалер на Интер, Лаутаро Мартинез потврди дека разговорите за продолжување на соработката се уште траат.
Мартинез е најдобар стрелец во италијанската Серија А и во четвртокот вечерта во Милано му беше доделена наградата Premio Gentleman.
„Навистина сум среќен и горд на она што го работам во кариерата. Секогаш сум благодарен на моите соиграчи, членовите на стручниот штаб и навивачите кои ме поддржуваат“, рече тој.
Лаутаро тврди дека неговите очекувања кои ги имал пред да дојде во Интер во 2018 година се значително надминати.
“Не очекував толку голем успех, но продолжувам да работам напорно од првиот ден. Интер секогаш ми помагаше и благодарен сум, ќе се обидам да го покажам тоа на теренот. Сакаме да продолжиме со ова темпо“, изјави Мартинез.
Незаменливото прашање на новинарите беше поврзано со неговиот договор.
Работиме на тоа, се надевам дека ќе се договориме“, јасен беше Аргентинецот.
Тој тврди дека успехот на тимот му е поважен од Златната топка.
„Секогаш сакам да им помогнам на моите соиграчи и на Интер, да ги доведам на повисоко ниво. Поединечните награди се важни, но тимот е најважен“, додаде Мартинез.
Оваа сезона постигна 27 гола на 43 настапи во сите натпреварувања, а актуелниот договор му истекува во јуни 2026 година.
Пјеро Аусилио, спортскиот директор на Интер, неодамна изјави дека продолжувањето на договорот на Мартинез би можело да биде потпишано откако ќе се заврши договорот со Николо Барела.
Дваесет и шестгодишниот Лаутаро има вкупно 281 настап и 129 постигнати голови за Интер, а со Аргентина го освои Светското првенство во 2022 година.