Екипата на Куманово го претрпе вториот пораз во регионалната кошаркарска Балканската лига (БИБЛ). Во меч од 3.коло кошаркарите на Куманово по продолжение се поразени од бугарскиот тим Академик Бултекс со 86:90, откако по регуларниот дел резултатот беше израмнет 79:79.
Првите три четвртини ги добија гостите (20-21, 22-24 и 21-24) кои во последниот период влегоа со шест поени предност (63:69). Сепак, кумановци со агресивна игра во одбраната успеаја да ја анулираат негативата, па последната четвртина ја добија со 16-10 за на крајот на регуларните 40. минути резултатот да биде израмнет 79:79.
Во дополнителните пет минути, нашиот претставник одигра лошо во нападот, па со само седум постигнати поени и не можеше да се надева на победа, на која пак бугарската екипа се радуваше со конечни 86:90.
Во тимот на Куманово беше Димитар Караџовски кој средбата ја заврши со 23 поени и девет асистенции, додека Марјан Јаневски имаше „дабл-дабл“ учинок со 18 поени и 12 скокови
За Куманово ова е втор пораз во новата сезона во БИБЛ конкуренцијата, додека за Академик Бултекс е трета победа, по која бугарскиот тим останува единствениот со максимален учинок.
Вчера и гевгелиска Блокотехна по продолжението загуби на гостувањето во Софија кај Левски со 99-93.
Во следното коло, кое на програмата е на 7 и 8 ноември, двете македонски екипи ќе гостуваат. Куманово на 7 ноември гостува кај Тирана, додека Блокотехна ден подоцна (8 ноември) во Црна Гора игра против тимот на Ибарод од Рожаје.