Со одигрувањето на натпреварите од последното 6.коло во групната фаза од квалификациите познати се сите 16 репрезентации кои ќе играат на 13. Европско ракометно првенство што следната година ќе се одржи во Хрватска.
Покрај домаќинот на шампионатот Хрватска, пласман на ЕП како првопласирани селекции во своите групи обезбедија: Македонија (4 група), Данска (1), Белорусија (2), Шпанија (3), Германија (5), Шведска (6) и Франција (7).
На овие осум селекции им се приклучија и второ пласираните: Унгарија, Србија, Австрија, Чешка, Словенија, Црна Гора и Норвешка како и селекцијата на Исланд која заврши како најдобро трето пласирана репрезентација од сите седум групи.
Ждрепката за ЕП ќе биде извршена в петок (23 јуни) во Загреб, кој заедно со Сплит, Вараждин и Пореч, ќе бидат четирите градови домаќини на првенството кое ќе се одржи од 12 до 28 јануари следната 2018 година.