Македонскиот кошаркарски прволигаш Гостивар, вечерва преку соопштение ги објасни причините за заминувањето на нивниот плејмејкер Александар Костоски.
„Во врска со денешните случувања поврзани со КК Гостивар, должни сме да ја изнесеме голата вистината поврзана со тие случувања. Најпрво да се обратиме до порталите кои трчајќи да пласираат ексклузивна вест, го заборавија основното правило да ја исконтактираат и слушнат и другата страна, па кој како наслушнал така си пишува. Кошарка во Гостивар се игра скоро 7 децении, и низ сите тие години со разни подеми и падови гостиварскиот клуб го краси чудесна магија, кој никој до сега не може да ја објасни, привилигија, која за наша радост припаѓа само на Гостивар и гостиварци. Клуб кој го одликуваат чесност, храброст, фер плеј и големо срце. Врз тие вредности изграден е и денешниот КК Гостивар. Во врска со играчот Александар Костоски, кој на изненадување на сите на само еден ден пред почетокот на подготовките, што е крајно непрофесионално побара едностран раскин на двогодишниот договор кој го имаше со клубот, иако добро се познати строгите правила на ФИБА за играч под договор, му дозволивме да го образложи неговото барање. Причината како и е наведено во писмената Молба за раскин е од лични, семејни (непрофесионални) причини, нешто за кој никој никому нема право да суди, за што е потпишан условен раскин, со посебна клаузула. Дали некој ќе ја злоупотреби целата ситуацијата, или ова е смислено сценарио останува да покаже времето и совеста на актерите. Што се однесува до нашата публика и спортската јавност, со сигурност може да кажеме дека КК Гостивар е клуб кој нема да ги разочара своите навивачи, голем број на играчи годиниве наназад поминаа низ клубот барајќи си ја „среќата“ во Гостивар, така ќе биде и во иднина, уште многу играчи ќе идат и ќе си одат, но магијата останува тука, засекогаш! Во ова време-невреме единствена обврска и мисија на денешниот КК Гостивар е да се пренесе кошаркарскиот клуб Гостивар без ниедна црна дамка на идните генерации, промовирајќи ги вистинските вредности, зачнати пред 70 години, се разбира со што е можно повеќе радосни моменти и победи, стои во соопштението на КК Гостивар“, се наведува во соопштението.
Претходно, во текот на денот, Костоски се заблагодари на управата на клубот, стручниот штаб и навивачите, за како што истакна, убавите моменти во неговиот тригодишен престој во Гостивар.