Кенискиот претседател Ухуру Кенијата им го плати престојот во Бразил на фудбалските репрезентативци на Кенија за да гледаат некои од натпреварите на Мундијалот и да се „инспирираат“.
Кенијата верува дека следењето на мечевите од Светското првенство „ќе ги инспирира кениските фудбалери за да може во иднина и тие да се квалификуваат за некој од мундијалите“.
Тој изјави дека им го ветил тоа на кениските репрезентативци, откако успеаја да освојат трофеј на еден регионален турнир во Африка.
Не се знае колку време Кенијците ќе останат во Бразил, но нивниот претседател даде 120.000 долари свои средства за патот и престојот, а целата идеја со дополнителни 40.000 долари ја подржа и една од водечките кениски пиварници.
Засега е познато само дека за Бразил ќе патуваат 11 репрезентативци, како и тројца членови на стручниот штаб на кенискиот национален состав.
Кенија е светска велесила во атлетскиот спорт, но досега ниту еднаш не учествувала на некое светско фудбалско првенство.
Решеноста на шефот на државата да го потикне фудбалот во Кенија со инспирирањето на домашните играчи од мајсториите на најдобрите фудбалери во светот, не ја одобруваат сите во Најроби. Критичарите сметаат дека тоа е „расфрлање со парите“, иако станува збор за приватна донација.
Критичарите сметаат дека причината за ваквото необично решение на претседателот Канијата не е толку неговата љубов кон фудбалот, колку завидливоста на одлуката на властите во Гана од приватни спонзори и од донации да се обезбедат пари за да се испратат во Бразил 500 навивачи и еден готвач, кои ќе го бодрат нивниот национален тим на Мундијалот.
Селекцијата на Гана се натпреварува во групата со Германија, САД и Португалија.