Со четири сребрени и две бронзени медали се закитија каратистите на клубот „Макпетрол“ на Балканското првенство за кадети, јуниори и постари јуниори што викендов се одржа во Риека. Претставниците на екипата од Скопје, што се дел и од македонската репрезентација, беа дел од собирот на којшто учество зедоа 13 држави и 731 натпреварувачи.
– Задоволни сме од настапот на нашите каратисти кои ги бранеа боите на Македонија на ова елитно регионално натпреварување. Балканот е најквалитетен регион во светската карате-федерација и затоа тешко е да се освои медал, има навистина голема и квалитетна конкуренција. Можевме да постигнеме и повеќе во поединечните настапи на нашите каратисти, но за освојување на медал одлучуваа моменти. Генерално сме задоволни од нашиот настап, направивме одлична контрола пред државното првенство што треба да се одржи следниот викенд и ќе има изборен карактер за влез во репрезентацијата на следното европско првенство што ќе се одржи во Прага – изјави тренерот на „Макпетрол“, Петар Заборски.
Стефан Стојановиќ, којшто е и актуелен јуниорски шампион на Европа во категоријата над 84 килограми, освои две сребрени одличја во поединечна и екипна конкуренција во дисциплината борби. Марија Петровска зеде учество во категоријата под 50 килограми и се закити со бронзен медал во индивидуална конкуренција. Во екипната борбена дисциплина сребрени трофеи освоија Абдурахим Идризи и Глигор Петков, додека Викторија Јовановска се здоби со бронзено признание.
Машкиот кумите-тим славеше против Косово (3-1), го победи домаќинот Хрватска (3-0) Хрватска и во финалето загуби од Босна и Херцеговина (0-2). Женската екипа го победи Косово, загуби од Словенија, а во борбата за бронзата славеше против Грција.
На Балканскиот шампионат Македонија освои вкупно 13 медали и на табелата со вкупно освоени признанија се најде на петтата позиција. Со најмногу одличја се закити Босна и Херцеговина (26, од кои 12 златни), а потоа следуваа Турција и Србија.
ПР текст