Општина Аеродром почнува кампања за подигање на свеста кај најмладата популација за значењето на спортот за психофизичкиот развој. Мотото е „За МЗТ навиваме со МЗТ победуваме“, а заштитни лица се музичарите Тони Зен, Марко Слаткаристика и Панчо од ДНК.
Целта на кампањата е да се зголеми бројот на деца кои рекреативно или професионално би се занимавале со спорт.
– Ако се земе предвид дека овие наши музичари се истовремено идоли на младата популација, сигурни сме дека со својот ангажман ќе придонесат за регрутирање на што е можно поголем број млади талентирани деца, или во најмала рака ќе поттикнат одредена група деца да почнат кошарката да ја користат како средство за рекреација, изјави Видоја Секулоски, директор на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје – Аеродром.
Тој е еден од најстарите и најквалитетните кошаркарски клубови во Македонија, за што потврдуваат големиот број награди и досегашни победи, учеството во Јадранската лига минатата година, одбраната на двојната круна во домашното првенство, како и учеството во АБА лигата и во Еврокупот претстојнава сезона.
МЗТ има и своја младинска школа, како расадник на талентирани љубители на кошарката, а од 20 септември е планиран и почеток на училишна лига „МЗТ Скопје – Аеродром“.