Британскиот премиер Дејвид Камерон смета дека Англија и англиската Фудбалска асоцијација (ФА) би требало одново да се кандидираат за домаќини на Светското првенство во фудбал, доколку Катар ја загуби веќе добиената организација на Мундијалот во 2022 година.
Изјавата на Камерон доаѓа по најновите откритија на неделникот „Сандеј Тајмс“ дека се дадени „многу милиони“ фунти на високи функционери на фудбалските федерации на Африка, Азија и Карибите, кои учествувале во гласањето, или одлучувале за тоа токму Катар да биде домаќин на Светското првенство за осум години.
Таквото решение на ФИФА, донесено во декември 2010 година, беше означено како контроверзно и предизвика веднаш сомнежи во регуларниста и чесноста на гласањето.
Сомневањата се појавија затоа што малечката пустинска земја во Персискиот Залив, која нема никаква фудбалска култура и каде температирите се искачуваат и до 50 степени Целзиусви, успеа во гласањето за првенството во 2022 година, да ги победи САД, Австралија и Јапонија кои беа противкандидати.
Тогаш се гласаше и за тоа кој ќе биде организатор на првенството во 2018 година, за кое силен кандидат беше Англија, која последен пат била домаќин уште во 1966 година, но победи руската кандидатура.
Камерон кој силно лобираше за ФА и престојуваше во Цирих, не го криеше разочарувањето, затоа што Англичаните кои ги имаат сите потребни стадиони и располагаат со целата организациона структура, можат уште веднаш да бидат организатори на едно Светско првенство.
Лондонските медиуми отворено се сомневаа во „нечесност“ при определувањето за руската кандидарура, откако се дозна дека Англија во првиот круг добила само три гласа, а за неа не гласале ниту оние кои јавно ветуваа дека се за англиската кандидатура, но истрагата што беше направена во 2011 година, покажа дека сомнежи треба да има само околу кандидатурата на Катар.
По завршувањето на истрагата, од органите на ФИФА, доживотно беше исклучен тогашниот претседател на Азиската фудбалска конфередарација, Катарецот Мохамед Бин Хамам, што, сепак, не влијаеше на одлуката, Катар да ја добие организација.
Премиерот Камерон сега смета дека специјалниот иследник на ФИФА, Мајкл Гарсија кој ги испитува наодите на „Сандеј тајмс“, треба да се остави да ја заврши својата работа и да утврди дали навистина, корупциските исплати за разни фудбалски функционери по светот,влијаеле за конечната одлука, за Катар.
Тој не зборува за тоа дали треба одново да се преиспитува (и да се гласа) и за домаќинот на Мундијалот во 2018 година, освен што вели дека „не се знае какви шанси може да има во иднина“, мислејќи на времето по истрагата на адвокатот Гарсија.
Дел од британските весници ги обновија сомневањата дека Русија, исто така, ја „купила“ организацијата на следното првенство и заговараат ново гласање и за двете одлуки од 2010 година, додавајќи дека Русија не е најдобриот избор, поради нејзните лоши резултати со човековите права и околу безбедноста на идното СП.
Во обновената кампања околу организацијата на идните две светски првенства, се вклучи и британскиот заменик премиер Ник Клег. Тој го поддржа Камерон за тоа дека на Катар треба да му се одземе организацијата, ако се утврди дека имало поткуп при носењето на одлуката и се залага за ново гласање во ФИФА во, како што вели, „еден фер и отворен натпревар“ на кандидатите.