Македонската фудбалска репрезентација вечерва ќе одигра пријателски натпревар на гостински терен против селекцијата на Норвешка. Селекторот Чедомир Јаневски верува во позитивен резултат и прекинување на серијата од три порази по ред.
– Некои од натпреварите ги одигравме одлично, некои помалку квалитетно, но тоа е нормално за млади играчи кои сега ги имаме во репрезентацијата. Остануваме на целта која ја имаме пред секој натпревар. Оптимизам пред натпревар секогаш постои. Најважно е да создадеме квалитетни играчи за А-репрезентацијата, но и да се обидеме да оствариме позитивен резултат, изјави Јаневски пред вечерашниот дуел со Норвешка.
Тој поради отсуство на неколкумина стандардни репрезентативци шанса во првиот состав ќе им даде на останатите кои конкурираат за стартните 11.
– Во составот ни недостасуваат неколку важни фудбалери, можеби не изгледаме доволно компактни или го немаме потребниот автоматизам, но работиме за да ја оствариме целта. Да изразиме задоволство од постигнатото и да знаеме кои се играчите кои можат вистински да помогнат во квалификациските натпревари, изјави селекторот Чедомир Јаневски.
Натпреварот Норвешка – Македонија ќе се одигра на стадионот „Улевал“ во Осло, со почеток од 19 часот.