Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Чедомир Јаневски на денешната средба со новинарите информираше за состојбата во репрезентацијата пред пријателскиот натпревар со Словенија од кој очекува позитивен резултат.
– Иако се работи за пријателски натпревар очекуваме тежок меч, кој за нас е добредојден и многу важен поради задржување на континуитетот на добри резултати по успехот во квалификациите со Србија. Одиме на позитивен резултат и сите треба во него да влеземе сериозно, како јас така и сите повикани играчи, рече Јаневски.
Тој ги потенцира квалитетите на словенечката репрезентација.
– Словенија е репрезентација која високо котира на ФИФА листата, составена од фудбалери кои настапуваат во силни првенства, во Германија, во Италија, во Холандија, како и фудбалери од домашното првенство, од тимот на Марибор кој настапува во УЕФА купот и затоа очекувам тежок дуел, изјави Јаневски
Македонскиот селектор ги ослободи од обврските за овој дуел Горан Пандев и Николче Новески, додека Горан Попов и Стевица Ристиќ не добија повик не само поради нарушување на атмосферата во репрезентацијата пред средбата со Србија, туку и поради слабите нивни настапи на првите три квалификациски дуели.
– Не се откажавме од Попов и Ристиќ, вратата за нив во репрезентацијата е отворена. Но, јас од нив очекував да покажат многу повеќе на трите натпревари, тие не го дадоа својот максимум и затоа јас како селектор се обидувам да најдам замени за играчите кои не се во форма.
Јаневски нема да го менува стилот на играта, останува истата концепција, а на новоповиканите е да ја искористат евентуално добиената шанса и да се наметнат.
Македонскиот селектор смета дека се уште е рано еден од најперспективните македонски фудбалери Давид Бабунски да настапува во сениорската репрезентација, но остави простор за негов ангажман на некој од следните натпревари.
Пријателскиот натпревар Македонија – Словенија ќе се одигра в среда на Националната арена Филип Втори во Скопје.