Претседателот Ѓорге Иванов денеска ја прими алпинистката Илина Арсова, првата Македонка која го освои највисокиот врв на светот Монт Еверест.
Од свое лично име и од името на сите граѓани на Република Македонија, претседателот Иванов упати честитки до Арсова за исклучително храбриот подвиг.
– Големите спортски успеси, покрај спортистот лично, ги слави и целата татковина. Уверен сум дека овој значаен алпинистички потфат, ќе ги поттикне младите луѓе неуморно да вложуваат во себе и своите капацитети и да се стремат кон остварување на своите цели. Во спортот, не постои несовладлива препрека и неостварлива цел, кога се работи посветено и со голем ентузијазам. За сите нас, не постои поголема гордост од моментите кога на големите меѓународни спортски натпреварувања, се развиорува македонското знаме, онака како што е развиорено и на највисокиот врв на светот, порача претседателот Иванов.
Алпинистката Арсова се заблагодари за континуираната поддршка од Претседателот на Република Македонија, која за неа претставува дополнителна мотивација за поголеми алпинистички потфати. Таа посочи дека и покрај долготрајните и исцрпни подготовки за кои е потребна голема психофизичка подготвеност, сепак радоста при освојувањето на планинските врвови е неизмерна.
Претседателот Иванов ги прими алпинистката Арсова и нејзиниот сопруг, непосредно по нивното искачување на планинскиот врв Аконкагва. Иванов тогаш изрази целосна поддршка на проектот „Прва македонска жена на Монт Еверест“, посакувајќи и многу среќа и успех на Илина Арсова и нејзината експедиција, непосредно пред заминувањето на Хималаите.
Македонскиот претседател и натаму ќе ја дава својата поддршка на младите луѓе, кои со своите подвизи претставуваат поттик за младите генерации кон постигнување успеси и меѓународно афирмирање на Република Македонија, велат од неговиот Кабинет.