Пoранешниот хрватски тениски ас и актуелен тренер на Новак Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ, вечерва беше гостин на телевизијата РТЛ, каде преку видео-врска одговори на неколку прашања околу случувањата на „Адрија тур“ во Задар и големиот број на заразени тенисери и тренери.
Тој откри во каква состојба е најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ по веста дека е позитивен на коронавирусот.
„Се слушнавме и не му е лесно, затоа што и тој и сопругата се позитивни на вирусот. Тој е многу добро, ако ги погледнеме околностите. Тој ќе издржи сè, силен е, но за него не е лесно“, рече Иванишевиќ.
На прашањето зошто Ѓоковиќ не се тестирал во Хрватска, Иванишевиќ рече: „Затоа што на денот кога се случи тоа, по препорака на персоналот, кој ни рече дека секој играч може да биде тестиран во својата земја, тој реши да замине во Белград. Играчите отидоа на тест самостојно“.
Во однос на тоа зошто не биле тестирани пред да пристигнат во Хрватска, Иванишевиќ вели дека немало потреба.
„Така рече министерот Берос. Никој немаше симптоми,“ рече тренерот на светскиот рекет бр.1.
Иванишевиќ истакна дека се чувствуваат одговорни, но дека му пречи што Ѓоковиќ се претставува како единствен виновник.
„Се чувствуваме одговорни, ова беше една голема, одлична работа. Жал ми е за сите заразени, но на некои работи не може да се влијае, така и во овој случај. Единствено што ме мачи е дека ние сме главни виновници и луѓето собираат политички поени на наш грб, а во Задар има најмалку заразени. Сè падна на наш грб, тоа не е во ред, рече легендарниот „Зец“, цитиран од хрватските медиуми.
Иванишевиќ досега е тестиран двапати, а го чека уште еден тест.
„Бев тестиран минатата среда и во понеделник. И двата теста се негативни, се надевам дека ќе има трет во сабота. Не ми бегаат 14 дена самоизолација,“ додаде Иванишевиќ и заклучи: „Се случи тоа што се случи и сега е лесно да се биде паметен за тоа што беше потребно, што не. Посакувам заразените да закрепнат брзо“.