Македонскиот фудбалски репрезентативец Агим Ибраими кој е еден од најдобрите во последните настапи во „црвено-жолтиот“ состав ги повика навивачите сплотени исто како што се играчите да создадат победничка атмосфера на натпреварот против Белгија.
– Кога се игра за репрезентација не се гледа вера или националност. Играме за Македонија и треба да негуваме победнички дух. И во клубовите има играчи од различни националности и сите сме како една фамилија, а така треба да биде и во националниот состав. На оние што навредуваат на било која основа не им е местото на стадионите и таквите хулигани треба да бидат отфрлени, истакна Ибраими на денешниот собир на репрезентацијата на Македонија пред почетокот на подготовките за дуелот в петок против Белгија.
Тој улогата на фаворит им ја препушти на гостите.
– Белгија е фаворит, но ние треба да се потрудиме максимално за овој дуел. Белгиските репрезентативци играат во многу силни клубови, но и ние имаме квалитет. И тие се луѓе исто како и ние и секаков резултат е можен. Не треба да не зафаќа некоја еуфорија поради последните три-четири победи. Ако ги искористиме шансите кои сигурно ќе ги имаме, нема да останеме без позитивен резултат во Скопје, истакна македонскиот напаѓач.
Ибраими изјави дека е среќен што игра покрај Пандев за кого рече дека е лидер на репрезентацијата легенда, а македонскиот состав го нарече „добра клапа“ која може да направи големи успеси.