Холандската полиција незадоволна од висината на платата планира да протестира така што ќе ги попречува првите две етапи на светски позната велосипедска трка Тур де Франс, кои се закажани за 4 и 5 јули во Утрехт и во Ротердам.
Полицајците ќе изведат со велосипеди протестно возење пред почетокот на трката на 4 јули, а ден подоцна на кратко ќе ја запрат Тур де Франс на мостот во Ротердам.
– Полицискиот синдикат на 5 јули ќе протестира на мостот Еразмус, со цел да се избори за нов пристоен колективен договор, соопштија од синдикатот.
Холандската полиција, меѓу другото бара и покачување на платата од 3,3 отсто и подобро платена прекувремена работа.
Оваа година Тур де Франс почнува на 4 и 5 јули со етапите во Холандија, а завршува на 26 јули традиционално во Париз.