Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, објави дека халфот Марек Хамшик ќе ја продолжи кариерата во кинескиот клуб Далијан Ифан. 69-годишниот бизнисмен посака на словачката легенда на неаполитанците многу среќа во новиот клуб.
Трансферот на Хамшик ќе му донесе на Наполи 20 милиони евра, додека фудбалерот треба да добие 27 милиони евра за следните три сезони.
Хамшик игра за Наполи од 2007 година, откако запиша 520 настапи за италијанскиот клуб, постигнувајќи 120 гола и 111 асистенции.
Од 2013 година беше капитен на тимот.
Марек Хамшик напиша отворено писмо до навивачите на Наполи, откако се приклучи на Далијан Ифан:
„Треба да се извинам на сите вас, навивачите. Сакав, надевав се и сонував да се збогувам со вас. Голема обиколка околу теренот прегрнат од вапите аплауи. Вие секогаш сте ме поддржувале и сакале безусловно, како во убави, така и во тешки моменти. За тоа секогаш ќе бидам благодарен“.
„Наполи – го истетовирав името на мојата кожа, како и првиот италијански Куп по 25 години чекање. Невозможно е да се заборави таа забава. Невозможно е да го заборавам моментот кога го скршив рекордот на Брусколоти или рекордот на Марадона“.
„Тоа ме прави многу горд. Тука во Неапол се родија моите три деца, неаполитанци во секој поглед. Ве сакам и ќе го сакам овој град засекогаш“, додаде тој.