Премиерот Никола Груевски денеска се сретна со претседателот на Европската атлетска федерација Хансјорг Вирц.
На средбата, како што информира владината прес-служба, двајцата соговорници разговарале за развојот на спортот и атлетиката во Република Македонија и за инвестициите што се реализираат за развој на спортската инфраструктура.
Премиерот Груевски истакнал дека Владата реализира проекти чија интенција и намена е развој на атлетиката во Република Македонија. Груевски информирал дека Владата има изградено најсовремена атлетска патека по сите светски стандарди на Националната арена „Филип Втори Македонски“, како и за реализацијата на атлетската патека на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
Следната етапа од проектот, претседателот на Владата посочил дека опфаќа обезбедување нови реквизити за изведување атлетски натпревари и опремување на атлетските терени. Тој потенцирал дека Владата е силно посветена на инвестиции во развој на спортската инфраструктура, при што досега се изградени 90 спортски сали од проектот 180 спортски сали, а во тек се и проектите за изградба на 100 тениски терени и 100 мултифункционални спортски игралишта, кои имаат намена за развој на базичниот спорт како основа за развој и на дисциплината атлетика.
Вирц, се додава во соопштението, даде позитивна оценка и ги поздравил владините инвестиции во спортот, посочувајќи ги како соодветен пример за поддршката на спортот од страна на државата. Тој ја истакнал и благодарноста за соработката на државните институции со Атлетската федерација на Македонија во овозможувањето логистичка поддршка за реализација на нејзините приоритети.
Двајцата соговорници, како што е наведено, заклучиле дека насочувањето на младите во спортот треба да остане еден од приоритетите на општеството, како најдобра превенција од модерните ризици и соодветен начин на градење здрав систем на вредности и натпреварувачки дух кај населението.