Германецот од тимот Лото Белисол Андре Грајпер стигна до 13-та победа во кариерата на Тур де Франс, а прва оваа сезона, на 6-та етапа од Арас до Реим со просечна брзина 46,3 километри на час.
„Беше многу нервозен ден, и долго време бев напред, односно цело време бев при врвот на пелотонот. А сите тие кружни текови во финишот ни ја отежнуваат работата. Бев во голема борба со Реншо на крајот, но си реков на себе дека ќе одам со полна сила, и мило ми е што не погрешив и што ја освоив победата“, рече германскиот шампион на целта.
Михал Квиатковски почна многу рано во спринтот, на цел километар до финишот, и влечеше до речиси 100 метри пред целта но не успеа да победи.
Александер Кристоф од Катјуша заврши втор, Самуел Думулан од AG2R стигна трет, Марк Реншо од OPQS заврши четврти, а Словакот Петер Саган петти и останува во зелената маичка.
Жолтата маичка и натаму е кај Винченцо Нибали, ништо не е променето во однос на првите 10.