Македонската репрезентација составена главно од играчи од домашниот шампионат се подготвува за првиот од двата натпревари против Кина кој се игра утре во Шенјанг со почеток во 13 часот и 35 минути по македонско време.
Селекторот Бошко Ѓуровски изрази задоволство од условите кои репрезентацијата ги има во Кина, а на состанокот со фудбалерите, тактичката поставеност на тимот за утрешниот натпревар беше главниот фокус.
– Условите кои ни ги овозможија домаќините се одлични. Во репрезентацијата за овие два натпревари се наоѓаат млади фудбалери кои имаат свои квалитети и се надевам дека имавме доволно време да се подготвиме и да одиграме добро на утрешниот натпревар. Кина е фаворит, ние сме со подмладен состав, но тоа не значи дека однапред ќе се предадеме. Напротив, играчите се тие кои треба да го покажат и докажат својот квалитет и да сфатат дека ваквиот тип на натпревари може да им донесат само позитивни работи. Секако, позитивни и за нас доколку ме убедат дека имаат потенцијал и квалитет да ја зголемиме конкуренцијата пред почетокот на квалификациите за ЕП во Франција, изјави Ѓуровски.
Македонската репрезентација утре и на 22 јуни ќе ги одигра натпреварите против Кина во рамки на подготовките пред почетокот на септемвриските квалификации за Европското првенство 2016 година.