Фудбалските прволигаши попладнево ќе ги одиграат натпреварите од последното 36.то коло од Првата лига. Шампионот Вардар титула ќе ја крене на стадионот „Ѓорче Петров“ поради работните активности на Националната Арена „Филип Втори“ за претстојниот дуел од квалификациите со Шпанија, како и пред се за Супер купот на УЕФА што ќе се игра на 8 август.
Вардар во последното коло за ривал го има Силекс, екипа која во првиот дуел на двата тима одигран во Скопје одигра нерешено 1:1.
На другите натпревари Брегалница е домаќин на Работнички, Победа ја пречекува Ренова, Шкендија за ривал го има Пелистер, а Шкупи ќе игра против Македонија Ѓорче Петров.
Почетокот на сите натпревари е во 16:30 часот.
Пред одигрувањето на овие дуели познато е дека старо-нов првак е Вардар, лигата ја напуштаат: Брегалница и Македонија ЃП, додека Шкупи на 4 и на 7 јуни ќе одигра баражи натпревари против второлигашот Новаци за опстанок во Првата лига.
Вардар ќе игра во квалификациите на Лигата на шампионите, а Шкендија, Работнички и Пелистер (освојувач на Купот на Македонија) ќе играат во квалификациите на Лига Европа.
Табела: Вардар 82 бода, Шкендија 67, Работнички 54, Пелистер 52, Ренова 49, Силекс 46, Победа 41, Шкупи 36, Македонија ЃП 22, Брегалница 21.