Шеесетина момчиња и девојчиња на возраст од 6-12 години денеска имаа заеднички тренинг како дел од Проектот „Дали девојките играт фудбал“ на Женскиот фудбалски клуб „Тиверија“ од Струмица, поддржан од мрежата ФАРЕ.
– Самата мрежа ФАРЕ, се има за цел да ги отстрани нееднаквостите од фудбалот, односно се бори против дискриминацијата и расизмот кои не смее да ги има во фудбалот. Заинтересираноста кај девојките за фудбал е секој ден се поголема. Во Струмица имаме и најголем број регистрирани фудбалерки на ниво на Македонија. Нашата најмлада членка е родена во 2010 година, што покажува дека фудбалот не важи повеќе за машки спорт и се игра од најмлади нозе, рече Александра Ристовска- капитен на ЖФК „Тиверија“ и проектен координатор.
Настанот е организиран и во соработка со Фудбалскиот клуб „Беласица“, а проектот е финансиран од Општина Струмица и Фудбалската федерација на Македонија.