Македонската А фудбалска репрезентација ги започна подготовките за натпреварите против Ерменија и Грузија од Лигата на Нациите.
Натпреварот против Ерменија е закажа за 5 септември во Скопје, додека против Грузија ќе се игра три дена подоцна во Тбилиси.
Сите репрезентативци беа тестирани на коронавирусот на барање на селекторот Игор Ангеловски, а откако резултатите потврдија дека нема позитивни на Ковид-19, попладнево на „Градски“ беше одржан и првиот тренинг пред мечот со Ерменија.
Ангеловски со тоа ќе може да смета на сите повикани за пресметката во сабота во Скопје.
Селекторот денеска изјави дека паузата за репрезентацијата беше долга, но и дека тој не гледа во минатото и гледа кон претстојните натпревари со Ерменија и Грузија.
– Очекувам наше максимално издание без разлика на ситуацијата и паузата поради Ковид-19. Без разлика на моменталната форма, кога се игра за дресот со државниот грб секогаш мора да се даде максимум и не се сомневам дека тоа ќе биде така на овие два натпревари. Секогаш размислувам на секој следен натпревар, па за тоа со сите сили сме насочени најпрво кон дуелот со Ерменија. Да влеземе максимално мотивирани и да ја отвориме Лигата на нации со победа, а воедно да ја искористиме и можноста што поподготвени да го дочекаме оној натпревар за месец дена што цела македонска јавност го очекува, против Косово во баражот за ЕП, изјави Ангеловски.
„Ме радува тоа што повторно сме заедно. Заедништвото не краси долги години, а тоа ни донесе одлични резултати. Без разлика на се, кога се игра за дресот со државен грб мора да се даде максимумот. Не се сомневам дека така ќе биде и на овие два натпревари,“ додаде тој.