Британскиот велосипедист Крис Фрум вели дека прави се што е во негова моќ за надминување на проблемот со Светската антидопинг агенција, откако на една етапа од минатогодишната Вуелта му беше откриено повисоко ниво на салбутамол од дозволеното.
Иако салбутамол не се наоѓа на листата со забранети супстанции, сепак, Фрум имал двојно повисоко ниво од она што го пропишува Светската антидопинг агенција.
Британскиот велосипедист лани во септември триумфираше на Вулета, но два месеца подоцна беа соопштени резултатите од спорниот тест. Светската антидопинг агенција тогаш покрена истрага, но досега не е соопштено ништо конкретно.
Фрум негираше дека ги прекршил правилата, но призна дека ја зголемил дозата со салбутамол по препорака на неговиот лекар поради проблемите со астмата.
Потоа британскиот велосипедист ги возеше сите трки кои му беа во распоредот, а оваа недела неговиот тим Скај потврди дека ќе учествува на претстојното Џиро.
– Имав поинаков почеток оваа сезона, а сакам да го достигнам вистинското ниво порано од вообичаеното. Исто така, сфаќам дека постојат некои поголеми прашања, но како што соопштив порано, давам се од себе заедно со тимот да го решиме овој проблем што побргу. Во меѓувреме сум фокусиран на тркањето, истакна британскиот велосипедист.
Фрум, доколку триумфира на Џиро, ќе биде победник на трите големи трки во низа, откако минатата година ги освои Тур де Франс и Вулета.
Џиро ќе стартува на 4 мај и првите три етапи ќе се возат во Израел, по што се преминува во Италија.