Викендов во Штип се одржа купот на Македонија во бодибилдинг и фитнес за 2013 година. Ова натпреварување имаше цел да изврши селекција на натпреварувачите што ќе ја претставуваат Република Македонија на претстојното Балканско првенство во фитнес и бодибилдинг, кое ќе се одржи следната недела во Пловдив, Република Бугарија.
Учество зедоа 12 натпреварувачи поделени во седум категории. Натпреварот го отвори претседателот на бодибилдинг и фитнес-федерацијата, Бобан Геровски.
На манифестацијата беа доделени и признанија за клубовите што ги исполнуваат критериумите предвидени од страна на федерацијата за да бидат регистрирани како клубови што можат да земат учество во натпреварувањата за фитнес и бодибилдинг.
Апсолутен победници и во машка и во женска конкуренција на ова натпреварување се Антонио Андоновски и Семра Ајро, кои ќе ја претставуваат Република Македонија на претстојното Европско првенство во фитнес и бодибилдинг.
Покровител и организатор на оваа манифестација беше штипскиот клуб „Power gym“.
М.Р.