„Феникс сајклинг тим“ (Phoenix Cycling Team) е името на новиот велосипедски клуб формиран во јануари во Тетово. Клубот е член на Велосипедската федерација на Македонија.
– Со самото членство во федерацијата нашите членови обезбедија лиценци за натпреварување и учество на клубот на професионални трки. Покрај тоа клубот согласно членството во федерацијата има обврска за организирање на натпреварување-трка и во местото на постоење значи во Тетово, вели претседателот Сенад Идризи.
Воедно клубот согласно статутот како здружение на граѓани има предвидено активности за развој и унапредување на велосипедизмот во Тетово.
– Идејата е да се организираат разни рекреативни активности. Сакаме да организираме велосипедски тури за подигнување на свеста кај граѓаните за велосипедизмот. Во план ние е да организираме и една регионална лига каде се надеваме на учество на учениците од основните училишта. Да се обучуваат за основи за велосипедизам, основи за безбедност при возење и слично, објаснува Сенад Идризи.
Веќе имаат настапено на една меѓународна трка во Косово каде е освоено второ место во категоријата Елит на учесници од 20 до 40 години.
– На 11 април на натпреварот во Косово, членот на клубот „Феникс“, Александар Димовски во трката на 54 километри забележа голем успех каде го освои второто место и членот Арбер Шаќири кој влезе во првите топ 10 натпреварувачи, информира претседателот на клубот.
Членовите на клубот ќе настапуваат во сите три категории на натреварувања – друмски велосипедизам, планински велосипедизам и цикло-крос (мешана категорија возење на земја и асфалт).