Селекторот на фудбалската репрезентација на Украина Михаил Фоменко за петочниот дуел во Скопје против Македонија вели дека е од големо значење и дека со евентуален триумф над „црвено-жолтите“ на неговите избраници би им донел најверојатно пласман на Европското првенство 2016.
– Би сакале да одиме на ЕП. Постои можност, па зошто да не ја искористиме? Ако ја победиме Македонија дополнително ќе си ги зголемиме шансите да одиме во Франција, затоа што ќе имаме максимален учинок и воедно ќе ја подобриме разликата во однос на другите селекции кои се борат за тоа трето место. Ќе одлучуваат нијанси, но не зависи се само од нас, изјави Фоменко.
Украина по осум одиграни рунди е на 3.место во групата Ц со 16 бодови и гол-разлика 12:3, што во пресрет на 9.коло ја прави најдобра трето пласирана селекција од десетте квалификациски групи.
Македонија со три бода е последна во групата.
Натпреварот Македонија – Украина се игра на 9 октомври во Скопје на „Филип Втори“ со почеток во 20 часот и 45 минути.