Македонскиот фудбалски шампион Вардар денеска се огласи со соопштение во врска со регистрацијата на играчот Антонио Бујчевски кој како засилување во „црвено-црниот“ табор пристигна од Еуромилк.
– Иако ФК Вардар апсолутно опстојува на својата интенција, максимално верувајќи во сите фудбалски институции во земјава, своите права како и секогаш да ги бара исклучиво согласно статутарните рамки утврдени од ФФМ, без притоа непотребно да ја оптоварува јавноста, овој пат неизбежно мора да следи наша реакција околу т.н случај „Антонио Бујчевски“, со оглед на фактот што одредени домашни медиуми деновиве се поинтензивно се ставаат во улога на адвокати на поединци и клубови, притоа тенденциозно дезинформирајќи ја спортската јавност на штета на Вардар, стои во соопштението од најтрофејниот македонски фудбалски клуб.
Во Вардар тврдат дека Бујчевски е правилно регистриран од нивна страна и се оградуваат од тоа како постапувале другите институции надлежни за случајот.
-ФК Вардар одговорно тврди дека има сосема исправна регистрација, што се однесува до неопходната документација која од нас ја бараат правилниците на ФФМ. Не сакаме да навлегуваме во тоа дали има одредени пропусти при неговата регистрација во поедини фудбалски институции, единствено како клуб тврдиме дека, доколку постои, вината ниту може ниту смее да се бара во ФК Вардар, или во фудбалерот, како поединец, стои во соопштението.
Од македонскиот шампион изјавуваат дека ќе ја чекаат одлуката на одговорните институции без да создаваат тензии.
– ФК Вардар воопшто не се огласува по ова прашање во јавноста затоа што досега нема никаква официјална одлука за пререгистрација на „спорниот“ натпревар со Металург, а се додека е така, како и секогаш, оставаме својот последен збор да го кажат фудбалските институции кои единствено се надлежни за функционирањето на овој спорт согласно Статутот и правилниците на ФФМ. Без желба да вршиме било каков притисок преку јавноста на надлежните институции, а каков што во моментов се обидуваат да наметнат одредени медиуми и поединци кои тенденциозно се насочени единствено против Вардар. ФК Вардар се уште ја чека правната разврска околу целиот случај, по што би следела евентуалната конечна реакција. А, се до тогаш целокупното внимание се насочува на спортските терени во желбата и натаму интензивно да се продолжи на патот кон одбраната на шампионската титула, соопштуваат од Вардар.
Случајот „Бујчевски“ започна по натпреварот Металург – Вардар кој заврши 2:2, а клубот од Автокоманда поднесе жалба за наводна неправилна регистрација на засилувањето на Вардар и побара службени 3:0 во нивна корист.