Седмиот фудбалер по бројот на настапи во Премиерлигата, Фил Невил објави дека ја завршува кариерата и заминува во пензија.
Поранешниот репрезентативец на Англија и член на Евертон, 36-годишниот Невил, претходно сезонава најави дека по 8 сезони на Гудисон парк заминува од премиерлигашот од Ливерпул, но сега одлуката му е копачките да ги закачи на клинец.
Кариерата ја започна во Манчестер јунајтед во 1995 година, каде за 10 години освои шест титули во Англија и една во Лигата на шампионите. Во дресот на Англија има 59 настапи.
Тој е еден вид легенда во Премиерлигата, во која за 18 сезони има вкупно 505 настапи и се наоѓа на 7. место на вечната листа, зад Карагер, Хески, Спид, Лампард, Џејмс и Гигс.
– Пред три недели ми изгледаше како цел свет да оди во пензија. Тогаш си реков, нема скоро да се качам на тој воз. Сакав да заминам на помирен, поинаков начин. Во моето срце знаев дека по објавата дека заминувам од Евертон, никаде повеќе нема да заиграм, на било кое ниво – изјави Невил, кој има понуди кариерата да ја продолжи во медиумите или како тренер.