Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) соопшти дека истражува непристојно однесување на возачот на Ферари, Себастијан Фетел кој со бројни пцовки ја заврши неделната трка за Големата награда на Мексико.
Германецот бил лут поради возењето на Макс Ферстапен во завршницата, а обраќајќи им се на луѓето во својот бокс упатил и пцовки на сметка на директорот на трката Чарли Вајтинг. Сега, како што тврди Дејли Телеграф, ФИА е под голем притисок да го казни Фетел, но се бара соодветната казна. Тој е еден од најплатените возачи во Формула 1 и сигурно е дека парична казна не би влијаела многу на него. Се разгледува можноста на Фетел да му биде забрането учество на следната трка во Светскиот куп, во Бразил на 13 ноември.
Инаку, возачот на Ферари заврши на третата позиција во неделата, но вчера таа му беше одземена поради несовесно возење. Неговиот конечен пласман е на петтото место.