Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Себастијан Фетел, ја прокоментира моменталната состојба во спортот и ги изрази своите ставови за иднината на шампионатот, пред почетокот на викендот за Големата награда на Италија.
Според пилотот на Ферари, спортот „ќе мора да искачи многу висока планина“ доколку сака да постои уште десет години.
– Од моја гледна точка, Формула 1 има огромна планина за искачување за да продолжи постои и да привлече фанови на патеките за да ги споделат своите емоции и страст. Светот се менува брзо и мислам дека Формула 1 треба да стори повеќе за да се прилагоди. Да, во 2022 година ќе имаме нови правила, но не мислам дека тоа ќе биде доволно. Во поголема слика, Формула 1 треба да стори повеќе од само промена на правилата. Сите се надеваме дека оваа промена ќе ги доближи екипите и ќе ги направи натпреварите поинтересни. Освен она што го реков, светот се менува и светот ќе се соочува со сè поголеми проблеми, за кои Формула 1 не може да остане нема. Всушност, ќе биде многу интересно да се види во каков свет ќе живееме за десет години и каде ќе биде Формула 1 во овој свет, прокоментира Фетел за избрани медиуми на „Монца“.
Во интервјуто, германскиот возач изрази жалење што неговото последно италијанско ГП како возач на Ферари ќе се одржи без присуство на публика.
– Многу е разочарувачки што ќе се натпреваруваме во Монца без навивачи. Ова ќе биде прва трка на Монца за мене без публика, заклучи возачот на Ферари.