Германскиот пилот Себастијан Фетел престигнал неправилно барем еден од двата болиди на Торо Росо за време на решавачката трка во Бразил, пишува шпанскиот АС.
Сајтот на изданието пушти видео со коментар, според кое светскиот шампион минува болид при жолто знаме.
Поради тоа Фетел може да ја изгуби титулата која ќе му биде врачена на вториот Фернандо Алонсо, додава АС. Весникот пренесува дека од Ферари не размислувале да поднесат жалба во ФИА, но рокот за тоа е до 30 ноември.
Прашањата околу претекнувањето на светскиот шампион се појавија по трката, но првично беа отфрлени. “Новите” кадри покажуваат дека пред претекнувањето има трепкачи жолти светла.
Шпанците тврдат дека Фетел го надминува болидот на “Торо Росо” пред да се појават зелените светла, за што добива сигнал и на воланот.
Ако се примени казната кон времето на Германецот ќе бидат додадени 20 секунди и тој ќе биде осми, за што ќе добие четири поени. Алонсо беше втор и зеде 18. Па така Шпанецот би излегол со еден поен пред Фетел во крајниот пласман.