Себастијан Фетел му се извини на својот тимски колега Марк Вебер, на кого му ја „украде“ победата на трката за ГН на Малезија. Германецот на патеката „Сепанг“ дојде до 27 победа во кариерата на неџентлменски начин, откако челниците на Ред Бул јасно им ставиле до знаење да нема меѓусебно претекнување.
– Ова не е победа на која се гордеам. Згрешив, не смеев тоа да го направам. Ова требаше да биде победа на Марк, јас му се извинувам – изјави Фетел по трката.
Според шпекулации во Ф1 кулоарите, Вебер одбил да разговара со Фетел.
– Раната е се уште свежа. Од боксот ме уверуваа, два пати ми повторија дека болидите нема да ги користиме за меѓусебна битка! Ми кажаа дека трката е готова, да го штедам горивото и гумите, како и самиот мотор и болид до самиот крај. Себ си донесе своја одлука по која ќе има 100 процентна заштита од тимот и ќе помине неказнето! – изјави безниот Вебер.
Тимскиот шеф Кристијан Хорнер збесна кога виде дека Фетел го претекнува Вебер, а преку радио – врската му порача: „Те молам Себастијан, ова беше навистина глупаво!“
Фетел имаше 13 кругови до крајот на трката за да ја исправи грешката, но тоа не го стори. Германецот никогаш до сега не дошол до победата под вакви околности, кои сигурно ќе остават длабога трага во меѓусебните односи во Ред Бул и целокупната тимска атмосфера.
Слична ситуација имаа и пилотите на Мерцедес, Луис Хамилтон и Нико Розберг, но од далеку помали размери, која помина многу побезболно.