Наспроти шпекулациите дека новиот болид на Ред Бул можеби нема да биде готов за првата тренинг сесија во Херез, од кампот на Ферари се потврдуваат најавите дека меѓу првите ќе располагаат со нов болид, пишува Ф1 Алманах.
Ферари и Мерцедес веќе ги минале креш-тестовите на ФИА, па ергелата од Маранело важи за една од оние кои се во напредна фаза со возилото за 2013 година. Англискиот Аутоспорт повикувајќи се на извори од италијанскиот тим објави дека лансирањето на болидот ќе биде во првите денови на февруари, во Маранело, пред да започне тестирањето во Херез на 5 февруари. Претходно беше објавено дека се до август ќе трае реновирањето на воздушниот тунел во Маранело, поради што тимот за аеродинамика ќе ги користи ресурсите од некогашниот Ф1 тим на Тојота во Келн. Истовремено, во процес на изградба се и нови простории за менаџментот и работилниците од Ф1 тимот, бидејќи големината на тимот ја надраснала некогашната инфраструктура поставена пред повеќе од две децении.
Неодамна, промотерот на Формула 1, Берни Еклстоун, изјави дека по три сезони доминација на Ред Бул, „воопшто не би било лошо доколку има промени на врвот, можеби со Ферари повторно на чело“.