Новиот менаџер на Манчестер Јунајтед Дејвид Мојс не сака да се откаже од фудбалерите со кои работеше во Евертон последните сезони.
Така, англиските медиуми објавија дека на Олд Трафорд, заедно со шкотскиот стручњак, доаѓаат и тројца фудбалери на Евертон.
Последен во низата, покрај Маруан Фелаини и Лејтон Бејнс, е Фил Џагиелка чија цена е десет милиони фунти. Тој би требало да биде замена за ветеранот Рио Фердинанд кој најави дека ќе си замине од Јунајтед ова лето.
“Мојс е просто вљубен во Џагиелка. Ако постои некој фудбалер за кого би се тепал летово, тоа е тој”, изјави за Сан близок пријател на Мојс.
Лоша работа е што Џагиелка е далеку од млад, има 30 години и не претставува долгорочно решение за тимот на Манчестер Јунајтед. Идната сезона би требало да биде потпора за неискусните Крис Смолинг, Џони Еванс и Фил Џонс, но подоцна и за него ќе треба да се бара замена.
Англиските медиуми вчера соопштија дека Јунајтед ќе испрати понуда до Барселона за Цеск Фабрегас, а се планираат и разговори со Реал Мадрид за Карим Бензема.