Европската унија не размислува за бојкот на Светското фудбалско првенство кое во 2018 година треба да се одржи во Русија, изјавил висок претставник на Европската комисија (ЕК).
– Таа опција воопшто не се разгледува, изјавил неименуван претставник на ЕК во Брисел, а пренесоа руските медиуми.
Портпаролот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), пред точно два месеци (2 април) ја отфрли иницијативата на тринаесетмина американски сенатори, на Русија да и се одземе можноста да биде домаќин на најголемиот светски фудбалски собир, Мундијалот во 2018 година.
Според ФИФА, бојкотот на спортските манифестации и политиката на изолација, не спаѓаат во најефикасните мерки на решавање на проблемите.
Во меѓувреме реизборот на Сеп Блатер на претседателската позиција на ФИФА со мандат до 2019 година, и покрај корупцискиот скандал и апсењето на седуммина функционери на ФИФА, се гаранција дека светската фудбалска организација нема да отстапи од зацртаната политика и веќе изгласаното, Русија и Катар да бидат домаќини на шампионатите во 2018-та и 2022-ра година.