На отворањето на Светското првенство во фудбал ќе настапи и Џенифер Лопез и покрај тоа што Светската фудбалска федерација претходно соопшти дека американската пејачка поради „продукциски прашања“ на 12 јуни нема да биде во Бразил.
– Доаѓам. Тргнувам вечерва. Цело време планиравме да одиме. Мојот распоред некогаш може да биде загрижувачки, но сепак мислам дека беше прерано што било да се соопшти. Ние дефинитивно доаѓаме, изјави поп ѕвездата.
ФИФА на 8 јуни соопшти дека пејачката поради „продукциски прашања“ нема да настапи на отворањето на Светското првенство.
На свеченоста во Сао Паоло, пред натпреварот Бразил -Хрватска, химната на првенството We Are One со Џеј – Ло ќе ја пее и американскиот рапер Питбул и Бразилката, Клаудија Лејте.
Церемонијата на отворањето на Светското првенство во фудбал ќе трае 25 минути, а ќе учествуваат 600 уметници.