Во тек на натпреварот помеѓу Бразил и Хрватска, со кој во Сао Паоло започна Светското првенство во фудбал, како што пренесе „Асошиејтед прес“ зад кулисите се одвивала вистинска драма.
Агенцијата наведува дека снајперист од полицијата, од своите надлежни побарал дозвола да пука во вооружено лице, кое што било забележано во близина на бразилската претседателка Дилма Русеф. Таа како и останатите високи официјални лица, меѓу кои и хрватскиот премиер, Зоран Милановиќ била сместена во ложа.
Снајперистот не добил одобрување да пука, а осомничениот всушност бил негов колега полицаец.
На стадионот во тој момент имало околу 60.000 навивачи, а пред малите екрани повеќе стотици милиони, можеби и милијарди луѓе. Доколку се случеше пукотница, тешко е да се замисли каква паника ќе предизвикаше.
Претставникот на безбедносните служби, Адриано Монета потврди дека дошло до инцидент, односно до грешка во комуникацијата, која што бргу била откриена.
Е. Г.