Тениската репрезентација на Северна Македонија, на Дејвис купот во Атина што се одржа од 11 до 14 септември, не успеа да опстане во третата европска група и по вчерашниот пораз од Монако во натпреварот за опстанок, оди една зона подолу.
Нашите тенисери со една победа на Горазд Србљак во сингл и два порази (еден во сингл и еден во двојки) загубија од репрезентацијата на Монако во услови на силен ветер во Атина кој на моменти достигнуваше и до 80 километри на час.
Најактивниот играч во нашата репрезентација кој играше на сите натпревари, секој ден, Горазд Србљак и селекторот Чедомир Јовановски во разговор со дописничката на МИА од Атина, по последниот натпревар со Монако, ги сумираат впечатоците од турнирот во грчката престолнина.
-Оваа година со промена на системот во Дејвис куп паднавме во една јака група и покрај добриот жреб можам да кажам дека сепак моќта на другите репрезентации и во играчки кадар и во ранкинг, не дозволи изненадувања. Секоја чест за момците, стигнавме блиску со Монако, но сепак за оваа лига ќе треба повеќе средства, подобра програма. Некои од момците откажаа кратко пред настапот од различни причини, сега сме една група подолу, со некои од репрезентациите игравме минатата година, време е полека за подмладок, ако се гледа напред, вели селекторот на репрезентацијата, Чедомир Јовановски.
-Прво на почетокот, имавме проблеми во репрезентацијата со играчите и со нивната желба да настапат за Македонија оваа година. Едноставно не беа доволно загреани, мотивирани да играат за националниот дрес и не можам да го оправдам тој потег бидејќи ова е долга недела каде што ни требаа повеќе ротирања, смени на сингл на дубл позициите и мислам дека беше тешка задача за мене бидејќи бев секој ден во комбинација, вели тенисерот Горазд Србљак.
Тој заедно со Димитар Грабул го кренаа најголемиот товар за време на четиридневниот турнир во Атина, а вчера сами им се спротивставија на четворицата тенисери од Монако, во двата сингл и едниот дубл натпревар.
Србљак успеа, во долг и неизвесен меч да го победи неговиот противник, а 40 минути подоцна требаше да го игра следниот, решавачки меч во двојки, по нерешениот резултат во сингл.
Монако во трите натпревари против Северна Македонија настапи со четворица тенисери.
-Тоа се двајца други играчи кои настапија свежи за разлика од првите два сингла, мислам дека тоа ја направи разликата и ќе ја бараме нашата шанса следната година и сигурен сум дека ќе биде. Искрено мислам дека оваа зона можеби е прејака и влеговме како последни во оваа трета зона. Не можам да кажам дека незаслужено сме овде, бидејќи лани ги победивме Кипар кои оваа година се искачија од четврта во трета зона, ние испаѓаме така што тука сме на границата. Монако покажа дека имаат добитен дубл пар што веќе уигран, ова им е четврти меч оваа недела, вели Србљак.
Во однос на тоа дали тој лично е задоволен од настапот на Дејвис купот вели дека имал тешки противници во сингл и коментира дека не може да каже дека одиграл лошо.
-Првиот ден имав шанси, криво ми е, можеби можев да дојдам до сет па ќе видевме што ќе се случеше понатаму, вториот ден против Латвија се покажа дека првиот рекет е во извонредна форма, тоа го видовме и со Циципас, изигра густ меч и тој му е единствениот пораз на овој турнир. Против Црна Гора повторно беше драма меч како со Монако, но немавме да кажам доволно среќа, еден брејк одлучи во последниот сет и победата над Монако е одлична за самодоверба. Ако гледаме индивидуално не можам да кажам дека одиграв лошо, но како тим тоа е тоа, објаснува Горазд Србљак за МИА.
Селекторот на репрезентацијата, упатува пофални зборови до Србљак и Грабул за настапот на Дејвис купот, вели дека Горазд одигра многу добри натпревари оваа недела, а Димитар и покрај повредите и невозможната заемна за сингл, даде се од себе, „во првиот сет имаше и сет топка, со малку спортска среќа можеби можевме да го изненадиме Монако “.
Јовановски, кусо пред заминувањето од Атина и настапот на Дејвис купот, коментира дека на нашата репрезентација потребна ѝ малку поголема финансиска помош и поддршка, но и внесување на нови, млади и надежни играчи во националниот состав.
-Имаме многу добар надежен играч, Калин Ивановски,него ќе треба да го внесеме во тимот и доколку неколку години трпеливо работиме може да биде добар дубл и нормално другото ќе дојде од себе, но секако треба да се погледне подолгорочно и попрофесионално потемелно на настаните. Некои од репрезентациите беа овде веќе десетина дена пред натпреварите. Имаа играчите време да се воиграат, така да ќе ни треба малку повеќе помош од финансиски страни за да се вратиме во ова друштво, објаснува Чедомир Јовановски во разговор со дописничката на МИА од Атина.
Натпреварите од третата европска група во Дејвис купот се одржаа од 11 до 14 септември во „Татои“ тенискиот клуб во Атина. Од осумте репрезентации, првите четири ќе играат во пеј офот во март 2020.
На турнирот, Полска го освои првото место, Естонија, која беше нашиот противник и носител во нашата група заврши на второто место, домаќинот Грција на третото место, а Латвија четврта.