Будимпешта ја повлече својата кандидатура за домаќин на Летните олимписки игри во 2024 година, пренесоа светските агенции.
Во натпреварот за домаќин на игрите во 2024 година останаа Лос Анџелес и Париз.
Меѓународниот олимписки комитет градот домаќин на ЛОИ ќе го избере на 13 септември.
Одлуката за повлекување на кандидатурата на унгарската престолнина заеднички ја донесоа премиерот Виктор Орбан, градоначалникот на Будимпешта, Иштван Тарлош, и Унгарскиот олимписки комитет. За одлуката и официјално да биде донесена уште претстои изјаснување во Општинскиот совет на градот.
Унгарската владеачка конзервативна партија ФИДЕС одлуката ја образложи со неопходноста од задржување на неоштетениот меѓународен престиж на земјата, бидејќи кандидатурата на Будимпешта имала многу мали шанси за успех.
Во спротивен случај, прашањето ќе требаше да се стави на референдум во унгарската престолнина, иницииран од нова политичка партија која собра над 260. 000 потписа за поддршка за неговото оддржување.