Бобан Митев ќе го замени Врбица Стефанов на „жешкото” тренерско столче на клупата на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје.
Митев, кој од почетокот на сезоната беше најнапред заменик на Словенецот Змаго Сагадин, а потоа му асистираше и на Стефанов, сега ќе ја извршува тренерската функција, потврдија од клубот во краткото соопштение на својот веб сајт.
„Управата на МЗТ Скопје Аеродром разгледувајќи ја моменталната ситуација во клубот, на денешниот состанок донесе одлука со која досегашниот помошен тренер, Боби Митев, ќе продолжи да го води тимот на МЗТ Скопје Аеродром и во наредниот период, откако претходно од функцијата шеф на стручен штаб се повлече Врбица Стефанов”, стои во соопштението.
Митев го предводеше МЗТ Скопје во саботниот натпревар од АБА-лигата против Партизан во Белград, а веќе во среда му претстои дуел во домашното првенство против екипата на „Гоце Делчев“.