Британската радиодифузна корпорација Би-Би-Си на својата веб страна објави информација дека Светската фудбалска асоцијација – ФИФА ќе покрене истрага за наводни расистички навреди кон шкотскиот репрезентативец Икечи Аниа од страна на македонските навивачи.
Наводниот инцидент се случил на натпреварот во Скопје меѓу Македонија и Шкотска.
Според Би-Би-Си пријавата до ФИФА стигнала од организацијата ФАРЕ која се бори против насилството и расизмот на фудбалските терени.
Како што се наведува во информацијата ФИФА во случај да добие докази за овој инцидент ригорозно ќе ја казни Македонија.
Натпреварот Македонија – Шкотска се одигра во вторникот и заврши со победа на гостинската екипа од 2:1, а токму посочениот фудбалер беше стрелец на првиот гол за шкотската селекција.