Легендата на Арсенал, Денис Бергкамп изјави дека е подготвен да се врати во клубот како дел од тренерскиот штаб. Сепак, тој појасни дека тоа е можно само во соодветно време.
Поранешниот напаѓач е еден од најуспешните играчи во историјата на „топџиите“, постигнувајќи 120 голови помеѓу 1995 и 2006 година и трипати ја освои титулата со тимот.
Откако се откажа од фудбалот, тој доби шанса да стане извидник во Арсенал, но избра да помине повеќе време со семејството. Сепак, тој се сврте кон тренерската кариера и работеше како помошник тренер во Ајакс до декември 2017 година, кога беше отпуштен од работа.
– Кога ќе дојде време, јас би бил среќен да се вратам во некаква улога. Се чувствувам одлично во Холандија. Имам младо семејство и не сум се занимавал со тренирање некое време. Но чувствувам желба да се вратам во фудбалот. Секако, би било идеално ова да се случи во Арсенал. Поминав 11 години таму и имам прекрасни чувства кон клубот. Јас сум многу заинтересиран за тоа што го прави Микел Артета во Арсенал, бидејќи постојат индиции дека тој сака да ја промени филозофијата, вели Холанѓанецот.