Белгиецот Брајан Рикеман триумфираше на 28-от Охридски пливачки маратон

Од:

Брајан Рикеман од Белгија е победник на годинaшното 28-мо издание на Охридскиот пливачки маратон, што се плива во рамки на Гран-при серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА).

Рикеман патеката „Климе Савин“ долга 30 километри ја исплива за 5 часа, 41 минута и 47 секунди. Успеа во жестоко темпо и драматичен финиш да триумфира пред останатите пет пливачи со кои во група речиси истовремено ја мина последната контролна точка кај Канео.

Втор целта кај Градското пристаниште во Охрид со безмалку една секунда задоцнување ја мина нашиот Евгениј Поп Ацев, додека третопласиран е французинот Јоанес Едел. Поп Ацев по трката изјави дека се обидувал да финишира и да победи тука во Охрид, но сепак оти е презадоволен и од второто место.

– Тоа беше и повеќе од најоптимистичките мои очекувања дека ќе дојдам во второто место. Веќе почнувам да разислувам за следната сезона, се надевам дека доколку се биде во ред можеби да атакувам на победа во севкупниот пласман, рече Поп Ацев.

Во женска конкуренција најбрза беше Силие Рибарова од Чешката Република, водечката и во генералниот пласман. Таа во исто така драматичен финиш за дел од секундата мина низ целта пред аргентинката Пилар Геихо. Третото место кај маратонките и припадна на Ана Манкевич од Русија.

Ловоровиот венец на победниците им ги врачи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој е покровител на најпознатата меѓународна спортска манифестација во земјата.

Според пропозициите и износот на наградниот фонд, победникот на Охридскиот пливачки маратон добива 15, второпласираниот 11, а третопласираниот маратонец 9 бода за во генералниот пласман.

Последниот маратон од годинашната Гран-при серија ќе се плива на 7 септември на патеката Капри-Неапол, долга 36 километри.

Инаку, рекордот на Охридскиот пливачки маратон му припаѓа на францускиот маратонец Рајмонд Аксел кој фантастичниот резултат од 5 часа, 9 минути и 54 секунди го постигна минатата година на неговото деби во водите на Охридското Езеро.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Претседателот Пендаровски ги пречека учесниците на 36. Охридски пливачки маратон

Италијанецот Алесио Окипинти победник на Охридскиот пливачки маратон, французинката Каролин Жуис најдобра кај жените

Означен стартот на 36-тиот Охридски пливачки маратон

Горан Наумовски

Аргентинецот Матијас Хернандес победи на 35. Охридски пливачки маратон

И покрај хаосот со организацијата, пливачи прифаќаат учество на маратонот во Охрид

Кристијан Ландов

Пливачи со години не добивале награди од охридскиот маратон, Пецаков им пратил покани и чека одговори

Кристијан Ландов