Марио Балотели е на добар пат уште во јануари да го напушти Манчестер Сити кој го изгуби трпението со контроверзниот Италијанец, а како негова замена на „Етихад“ ќе пристигне фантастичниот колумбиски напаѓач Радамел Фалкао.
Иднината на Марио Балотели во Манчестер Сити повторно е ставена под знак прашалник, откако Италијанецот одново не ги почитуваше правилата на Роберто Манчини. Контроверзниот фудбалер е забележан како влегува во еден луксузен ресторан и бар, во еден час по полноќ, а во неделата во 13:30 часот неговиот тим играше против Тотенхем. Токму поради тоа Балотели овој дуел го проследи од трибините.
Според „Сан“, ваквиот, нов престап на Балотели веројатно значи и дефинитивен крај на престојот на италијанскиот репрзентативец во Манчестер, а план на управата на Сити е да го продаде Балотели уште во зимскиот преоден рок.
Цената на Марио Балотели во моментов изнесува помеѓу 20 и 25 милиони евра, а како најзаинтересирани кандидати за неговиот потпис се спомнуваат Милан и Интер.