ФК „Aкадемија Пандев“ во новата 2018 година ќе го организира еден од најспектакуларните турнири за младински категории на овие простори. Турнирот го носи името „Пандев куп“, а годинава ќе го доживее своето прво издание.
– Првиот дел од турнирот ќе се одржи во периодот од 1 до 4 март и на него ќе учествуваат фудбалери родени од 2006 до 2010 година. Вториот дел е планиран за крајот на јули и почетокот на август. Прво, од 30 јули до 4 август ќе се натпреваруваат екипи чии фудбалери се родени во 2002 и 2003 година, а од 6 до 11 август играчи родени во 2004 и 2005 година, информира Југослав Тренчовски, спортски директор на Академија Пандев.
Претставници на струмичкиот прволигаш во декември во Белград ги финализираа преговорите со Црвена Звезда и ОФК Београд. Покрај нив, за турнирот во Струмица досега се сигурни уште и екипите на Партизан, Осијек, Буба Мара, Реал Ниш, Сесвете Загреб, Престиж од Врање, Вихрен, Пирин, Параќин, ПАОК, Лудогорец, ЦСКА Софија и многу други, а во завршна фаза се преговорите со италијанските гиганти Интер, Фиорентина и Џенова. Учеството го потврди и најтрофејниот македонски клуб-Вардар, со што е заокружено учеството на сите македонски клубови.
Директорот Тренчовски додава дека сите натпревари од турнирот ќе се играат во Струмица и околината и тоа на четири терени: на теренот на кој тренира Академија Пандев, игралиштето со вештачка трева, стадионот „Кукуш“ во Турново и Градскиот стадион “Младост”, на кој се закажани финалните натпревари.
Вкупно, на “Пандев куп” треба да учествуваат 144 екипи, односно над 2.800 деца и младинци, со што тој ќе биде еден од најмасовните на овие простори.
Инаку, вчера Агенцијата за млади и спорт соопшти дека го поддржува овој голем фудбалски настан и ќе биде еден од покровителите на турнирот.